Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност беше конституиран и започна со работа на 10.06.2021 година. Согласно Законот за високото образование и сите позитивни законски акти во Република Северна Македонија, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност беше регистриран во Централен регистар на Република Северна Македонија.
Согласно член 41 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“, бр. 82 од 08.05.2018 година), Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност се формира заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во Република Северна Македонија.
Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност е самостоен стручен орган со седиште во Скопје. Националниот совет има: печат, посебна жиро сметка, а средствата за работа се обезбедуваат во Буџетот на Република Северна Македонија.
Националниот совет работи и одлучува на седници. Врз основа на член 43 став (2) алинеа (14) од Законот за високото образование „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/18), Националниот совет, на седницата одржана на 8 јули 2021 година, донесе Деловник за работа.
За претседателка на Националниот совет за мандатен период јули 2023-јуни 2025 е избрана проф. д-р Гордана Лажетиќ
Визија на Националниот совет: Унапредено и квалитетно високо образование и интензивна научно-истражувачка дејност за кои се обезбедени задоволителни финансиски средства од буџетот на Република Северна Македонија и континуирана меѓународна соработка како алатка за идентификување и прифаќање на добрите практики со цел приближување на македонскиот до европскиот систем за високо образование.
Мисија на Националниот совет: Посветено, професионално и навремено остварување на законски пропишаните надлежности, преку интензивна комуникација со релевантни чинители во државата, со партиципативност и придонес на наставниот кадар и на студентите, со вклучување на надворешни експерти од државата и странство, со цел заокружување на стратешката и нормативната рамка која ќе овозможи остварување на визијата во наредниот четиригодишен период.